Islam Doğru,Mücahit Oktay
13 Март 2020•Ажурирај: 14 Март 2020
ЊУЈОРК
Откако во САД е потврдено присуството на новиот тип коронавирус Ковид-19, во земјата се регистрирани 1.504 лица заразени со овој вирус, а од последиците предизвикани од овој вирус починаа 39 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците што ги објави американскиот Центар за контрола и превенции од болести (CDC), вирусот Ковид-19 се распространил во 46 од 50 американски држави.
Како последица од епидемијата на вирусот во САД животот го загубија 39 лица. На ниво на целата земја бројот на заразени од Ковид-19 изнесува 1.504 лица.
Откажани се или презакажани голем број програми и активности меѓу кои се и оние на полето на забавата и спортот.
Откако вчера беше соопштено дека се откажуваат натпреварите во американската НБА-лига, претставниците на бејзбол-федерацијата соопштија дека сите натпревари и тренинзи во месец март се одложени.
Иста одлука за откажувања на активностите донесоа и претставниците на Националната хокеарска лига (NHL) и на Националната фудбалска лига - рагби (NFL).
Епидемијата на Ковид-19 делуваше и врз светски познатите центри за забава. Центарот за забава „Дизниленд“ е еден од центрите што ги затворија своите врати. Прославата на Денот на Свети Патрик, што требаше да се одржи идната недела, откажана е во голем број градови, меѓу кои и во градовите Бостон, Далас, Њу Орлеанс, Титсбург и Савана.
- По прогласувањето вонредна состојба во државата Њујорк, вонредна состојба е воведена и во градот Њујорк
Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, на почетокот од неделава прогласи вонредна состојба во Сојузната Држава Њујорк, со цел да се намали брзината на распространување на епидемијата во државата. Од денес, градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, сооопшти дека вонредна состојба е воведена и во градот.
На прес-конференцијата што ја организираше, Де Бласио изјави: „Може да поминат месеци додека состојбата не се нормализира. Тоа може да биде долг и тажен период во кој можеме да загубиме некои од жителите на Њујорк.“
Градоначалникот Де Бласио информираше дека во границите на градот Њујорк досега се детектирани 95 случаи на заразени со Ковид-19, од кои 42 во последните 2 дена, додавајќи: „Се очекува бројот на заразени лица во текот на следната недела да се искачи до 1.000. Во моментов 27 лица присилно се држат во карантин, а повеќе од 1.700 самоволно се наоѓаат во домашен карантин.“
- Познатите центри во Њујорк се затвораат поради Ковид-19
По тврдењата дека во Њујорк ќе бидат затворени патиштата и метро станиците, Њујоршката полиција на социјалната мрежа Твитер го негираше тоа.
Од друга страна, културните и уметничките центри на градот, како што се Музејот на уметноста „Метрополитен“, концертната сала „Карнеги хол“, операта „Метрополитен“ и театарот „Бродвеј“ на извесен период ги запреа своите активности.
На ист начин и познатите спортски објекти „Медисон сквер гарден“ и Баркли-центарот, како превенција од експанзијата на епидемијата, ги затворија своите врати.
- Војската врши дистрибуција на храна
Во подрачјето на Њу Рошел во американската Сојузна Држава Њујорк, каде што за првпат е детектиран вирусот Ковид-19, денес стапија на должност припадниците на националните гардиски сили кои се испратени на тоа подрачје.
Војниците им дистрибуираа храна на граѓаните што добороволно се наоѓаат во домашен карантин и кои не излегуваат од сопствените домови.
Во некои подрачја на Њујорк и Њу Џерси затворени се училиштата, а онаму каде училиштата сè уште работат, освен наставата откажани се сите јавни програми.
Според последните податоци, вирусот Ковид-19 е детектиран во 111 земји од светот, при што се детектирани 132.300 случаи, а 4.954 лица ги загубија животите како последица на заболување со вирусот.