Recep Şakar
13 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
МЕЛБУРН (АА) - Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, изјави дека Нов Зеланд и неговиот народ фундаментално се променети по терористичкиот напад врз џамиите во Крајстчрч, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ардерн одржа прес-конференција во Крајстчрч, два дена пред годишнината од терористичкиот напад врз џамиите „Нур“ и „Линвуд“ на 15 март 2019 година, во кој загинаа 51 лице, а 49 лица беа повредени.
Истакнувајќи дека по нападот повеќе се приближиле до муслиманската заедница, Ардерн рече: „Верувам дека по една година, Нов Зеланд и неговиот народ се променија фундаментално. По ваков настан не можам да замислам да нема промени. Тоа што треба да го сториме следно е да обезбедиме национално спротивставување секогаш кога ќе видиме малтретирања, вознемирувања, расизам и дискриминација.“
Таа наведе дека со законите донесени по нападот собрани се повеќе од 60 илјади автоматски пушки.
Изјавувајќи дека во недела ќе присуствува на меморијалната церемонија, што ќе се одржи во паркот „Хагли“ за жртвите од тероризмот, Ардерн рече дека коронавирусот не е толку распространет за да се откаже церемонијата.
Во нападот во Крајстчрч загинаа 51 лице, а повредени се 49 лица.
Екстремнодесничарскиот 29-годишен австралиски терорист Брентон Тарант ќе биде суден во јуни под обвинение за тероризам, убиство и обид за убиство.
Терористот, кој лежи во затворот „Окленд“, доколку биде осуден дека е виновен се очекува да се соочи со доживотен затвор.