Bayram Altuğ
01 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
ЖЕНЕВА
Невладината организација „Прес амблем кампејн“ (Press Emblem Campaign PEC), со седиште во Женева, главниот град на Швајцарија, објави дека од почетокот на март досега во светот починале 186 новинари од 35 земји од последици предизвикани од заразеност со новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено од страна на организацијата се вели дека пандемијата најмногу ги погодила земјите од Латинска Америка и дека е забележано и „нагло искачување“ во Индија и Бангладеш.
Оваа невладина организација истакнува дека најголем број смртни случаи на новинари предизвикани од заразеност со коронавирусот се регистрирани во јуни. Во изминатиот месец, во кој на дневно ниво се регистрирани по најмалку 2 смртни случаи на новинари, од последици предизвикани од заразеност со новиот тип коронавирус починаа 59 новинари.
Според истражувањето на „Прес амблем кампејн“, од почетокот на пандемијата на коронавирусот во земјите од Латинска Америка животот го загубија 93 новинари, 34 во Азија, 26 во Европа, 19 во Африка и 14 во Северна Америка.
Перу е земја со најголем број починати новинари од Ковид-19, вкупно 37. По Перу следуваат Бразил со 16, Мексико - 14, САД - 13 и Еквадор, со 12 смртни случаи.
Десет случаи на починати новинари од последици предизвикани од заразеност со Ковид-19 се регистрирани во Пакистан. Во Бангладеш и Индија се регистрирани по 9 смртни случаи на новинари како последица на заразеност со коронавирусот, 8 во Нигерија, 7 во Велика Британија, 5 во Русија и Боливија и по 4 во Никарагва и Франција.
По 3 смртни случаи на новинари од последици на заразеност со Ковид-19 се регистрирани во Италија, Шпанија и Доминиканска Република, по 2 во Алжир, Колумбија, Египет и Шведска, и по еден во Австрија, Белгија, Канада, Авганистан, Демократска Република Конго, Иран, Јапонија, Мароко, Панама, Казахстан, Того, Зимбабве и Јужна Африканска Република.
„Прес амблем кампејн“ објави дека покрај смртните случаи на новинари како последица на заразеност со Ковид-19, во првите шест месеци од оваа година се регистрирани и 33 убиства на новинари во 18 земји од светот.
Оваа невладина организација соопшти дека извештајот е изработен врз основа на информации кои се достапни на националните новинарски здруженија, локалните медиуми и соработниците низ светот.
Во Република Северна Македонија од заразување со Ковид-19 починаа двајца медиумски работници.