Islam Doğru
08 Август 2022•Ажурирај: 09 Август 2022
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, го поздрави прекин на огнот меѓу Газа и Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на портпаролот на генералниот секретар се истакнува дека генералниот секретар Гутереш е длабоко тажен поради загубата на животи и ранети лица меѓу кои и деца, од воздушните напади во Газа и ракетите истрелани кон Израел.
Се наведува дека е упатено најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите. Исто така се посочува дека непријателствата во регионот предизвикаа вонредна состојба од хуманитарен аспект.
Посочувајќи дека премините кон Газа се затворени, а прекините на струјата ги погодија основните објекти, во соопштението се нагласува дека стотици згради и куќи се уништени или оштетени, а илјадници Палестинци останаа без покрив над главата.
Меѓу другото, во соопштението се упатуваат пофалби до Египет за неговите напори во прекинот на огнот.
Гутереш, повикувајќи ги сите страни да се придржуваат до прекинот на огнот, истакна: „Дефинитивно само одржливо политичко решение за кое се направени преговори ќе стави крај на овие разорни циклуси на насилство и ќе доведе до мирна иднина за Палестинците и Израелците.“
Прекинот на огнот, кој беше постигнат меѓу Израел и движењето Исламски џихад во Газа, со посредство на Египет, стапи на сила вчера во 23.30 часот по локално време.
Во петокот Израел изврши напади врз цели за кои тврдеше дека му припаѓаат на Исламскиот џихад, со образложение дека подготвува напад во Газа.
По израелскиот напад, од Газа беа истрелани низа ракети во правец на Израел.
Како резултат на израелските напади на Појасот Газа животот го загубија 44 Палестинци, од кои 15 деца и 4 жени, додека на израелска страна немаше загуба на животи.