Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
19 Ноември 2025•Ажурирај: 20 Ноември 2025
ХАМИЛТОН (АА) - Обединетите Нации денес изразија загриженост поради неодамнешната теренска посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на тампон-зоната во јужна Сирија, известува Анадолу.
„Најмалку што можам да кажам е дека е загрижувачка оваа многу јавна посета“, на прес-конференција изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
„Го повикуваме Израел да го почитува Договорот за раздвојување од 1974 година“.
Дужарик ја посочи резолуцијата 2799 на ОН, неодамна усвоена во Советот за безбедност, и нагласи дека таа „повикува на целосен суверенитет, единство, независност и територијален интегритет на Сирија“.
„Ова е исто така прашање што беше покренато за време на неодамнешната средба помеѓу (заменик-специјалниот претставникот на ОН за Сирија) Наџат Рочди и министерот за надворешни работи на Сирија“, додаде тој.
Сириското Министерство за надворешни работи ја осуди нелегитимната посета на Нетанјаху и израелските окупаторски претставници како тешко кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
По падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, Израел ја прошири својата окупација на сириските Голански Висорамнини со заземање на демилитаризираната тампон-зона, потег со кој го прекрши Договорот за раздвојување од 1974 година со Сирија.
Израелските упади во јужна Сирија неодамна се интензивираа, при што локалното население се жали на напредување во нивното обработливо земјиште, како и на уништување на стотици хектари шуми, приведување на жители и воспоставување воени контролни пунктови.
Според владини податоци, израелската армија извршила над 1.000 воздушни напади врз Сирија и повеќе од 400 прекугранични упади во јужните провинции од декември 2024 година.