Bayram Altuğ
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) предупредуваат дека хуманитарната криза во Буркина Фасо, Мали и Нигер кои се наоѓаат во регионот Сахел во Африка се продлабочува и дека околу 2,5 милиони луѓе имаат потреба од итна помош за храна, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Светот не ја сфати целосно големината на хуманитарната криза што ескалираше во централниот регион Сахел, каде што се наоѓаат Буркина Фасо, Мали и Нигер“, рече Херве Верхосел, портпарол на Светската програма за храна (WFP), подружница на ОН, на прес-конференција одржана во Канцеларијата на Обединетите нации.
Тој истакна дека насилните судири меѓу вооружените групи, раселувањето на населението, гладта и широко распространетата сиромаштија предизвикале хуманитарна криза во регионот.
„Ако не дејствуваме сега за да се бориме против гладта во Сахел, една цела генерација ќе биде во опасност“, предупреди Верхосел.
Укажувајќи дека 20 милиони луѓе во регионот Сахел живеат во области погодени од конфликтите, Верхосел истакна дека 860.000 луѓе во земјите од регионот сѐ уште мораат да ги напуштат своите домови поради немањето безбедност.
Верхосел информира дека покрај раселените лица, има вкупно 270.000 бегалци, од кои во Мали 187.140 бегалци, во Буркина Фасо 26.100 и во Нигер - 56.000 бегалци.
Посочувајќи дека конфликтите меѓу вооружените групи го уништуваат земјоделството и економијата и дека речиси едно од три деца не може да оди на училиште во погодените области, Верхосел рече дека на околу 2,5 милиони луѓе во овие три земји им е потребна итна помош за храна.
- Цивилните смртни случаи во Буркина Фасо се зголемуваат за четири пати
Верхосел, исто така истакна дека особено во Буркина Фасо има нагло зголемување на конфликтите и дека во однос на минатата година, дури четири пати повеќе цивили ги загубиле своите животи.
Споделувајќи информации дека во една третина од земјата има судири, Верхосел рече дека околу 500.000 морале да ги напуштат своите домови.
„Во Нигер, 1 милион 17 илјади лица немаат доволно храна, во Буркина Фасо тој број е 687.458 лица, а во Мали - 553.770 лица“, рече Верхосел, додавајќи дека на Светската програма за храна (WFP) ѝ е потребен фонд од 150 милиони долари за итна помош во храна на овие лица.
- Вонредна состојба во 7 региони
За четири години повеќе од 600 луѓе ги загубија животите во нападите што ги организираат терористичките организации во Буркина Фасо.
На 1 јануари 2019 година беше прогласена вонредна состојба во северниот дел, регионот Сахел и во западните и централните делови на Буркина Фасо, како резултат на зголемените терористички напади.
Вонредната состојба сѐ уште се спроведува во 7 од 13-те региони на Буркина Фасо.