Rıyaz Khalıq
23 Јануари 2019•Ажурирај: 23 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) им дозволи на хуманитарните агенции да работат во Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Советот за безбедност одобри изземање од санкциите за Северна Кореја на Хуманитарниот фонд за деца на ОН (УНИЦЕФ), Фондацијата „Еуген Бел“, на организацијата „Христијански пријатели на Кореја“, и на канадската невладина организација „Први чекори здраво општество“, и им дозволи да работат во земјата, којашто се соочува со санкции поради својата нуклеарна програма од 2006 година.
„Овие исклучоци дозволуваат испораки во Северна Кореја за потребите на хуманитарните програми на групите, вклучувајќи ги и оние за борба против туберкулоза и маларија во осиромашената земја“, соопшти корејската новинска агенција „Јонхап“.
Делумното укинување на санкциите доаѓа по историскиот самит во 2018 година помеѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, за време на кој Ким вети започување процес на денуклеаризација. Сличен втор состанок ќе има во блиска иднина.
Овие изземања од санкциите важат шест месеци.
„Вкупната вредност на потребите (за хуманитарните организации) изнесува околу 520.000 долари“, се вели во соопштението.
Северна Кореја го ратификуваше Договорот за неширење на нуклеарното оружје во 1985 година, но се повлече во 2003 година, повикувајќи се на агресијата на САД за да ја оправда својата одлука.
Во октомври 2006 година ОН го осудија првото нуклеарено тестирање што го направи Северна Кореја и наметнаа санкции врз неа, кои подоцна беа засилени во 2016 година.
Хуманитарните организации кои работеа во Северна Кореја во минатото се жалеа дека повеќекратните санкции влијаат на нивното работење преку нарушување на банкарските канали, прекин во синџирите на снабдување и одложувања во транспортот на стоки.