Bayram Altuğ
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ -
Обединетите нации (ОН) соопштија дека најмалку 75.000 луѓе се раселени како резултат на израелските напади врз Газа.
Јенс Лерке, портпаролот на женевскиот Кабинет за координација на хуманитарните работи (OCHA), во изјавата за Агенција Анадолија (АА) соопшти дека како резултат на израелските напади, заклучно со 19 мај животот го загубиле 219 Палестинци, од кои 63 деца, а повредени се 1.570 лица.
Наведувајќи дека на Западниот Брег починале 25 лица, од кои 4 деца, а повредени се 6.309 лица, Лерке рече дека од израелска страна загинале 12 лица, од кои 2 деца, а 796 лица биле повредени.
„Судирите меѓу израелските сили и вооружените групи во Газа продолжија вчера во деветтиот ден, но беа помалку интензивни. Од друга страна, се засилија судирите меѓу Палестинците и израелските сили на Западниот Брег, вклучително и во Источен Ерусалим. Генерално, ситуацијата продолжува да биде алармантна“, нагласи портпаролот Јенс Лерке.
Лерке повика на „хуманитарна пауза“ во конфликтот сѐ додека не се постигне примирје за да се обезбеди влез на хуманитарната помош и критичната стока во Газа и безбедна дистрибуција на хуманитарната помош во Газа.
Истакнувајќи дека најмалку 75.000 луѓе се раселени како резултат на израелските напади врз Газа од 10 мај, Лерке нагласи дека 47.000 од нив се засолниле во 58 училишта кои припаѓаат на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (UNRWA).
Лерке додаде дека 28.700 раселени лица се примени во семејствата во регионот.