Организацијата за исламска соработка ги поздрави налозите на МКС за апсење на Нетанјаху и Галант
ОИС ја повика глобалната заедница, особено земјите членки на Римскиот статут, „да ја почитуваат и спроведат оваа важна одлука“.
АНКАРА (АА) - Организацијата за исламска соработка (ОИС) ја поздрави одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант со обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, јавува Анадолу.
Во соопштението објавено доцна синоќа ОИС го опиша потегот како „клучен чекор кон ставање крај на децениската неказнивост што ја уживаат израелските власти“ и „враќање на довербата во меѓународната правда и одговорност“.
Организацијата нагласи дека одлуката „претставува победа на меѓународниот легитимитет и владеењето на правото“.
ОИС ја повика глобалната заедница, особено земјите членки на Римскиот статут, „да ја почитуваат и спроведат оваа важна одлука“.
Исто така, од Меѓународниот суд на правдата (МСП) побара „да ја забрза својата пресуда за израелското извршување геноцид врз палестинскиот народ“.
Истакнувајќи ја тековната хуманитарна криза, ОИС апелираше до Советот за безбедност на ОН „да преземе итни и ефективни мерки за спроведување на своите резолуции“.
Организацијата побара „сеопфатен, траен прекин на огнот за да се стави крај на воената агресија и геноцидот извршени од Израел врз Палестинците“ и повика „хуманитарната помош непречено да стигне до сите области во Појасот Газа“.
Израел започна воена офанзива врз Појасот Газа по нападот на Хамас минатата година, при што се убиени речиси 44.000 луѓе, повеќето жени и деца, а повредени се над 104.000.
Втората година од геноцидот во Газа наидува на зголемена меѓународна осуда, а институциите ги означија нападите и блокирањето на испораката на помош како намерен обид за уништување на населението.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна против Газа.