Muhammet Nazım Taşcı
18 Јануари 2024•Ажурирај: 19 Јануари 2024
ИСЛАМАБАД (АА) - Во екот на растечките тензии, пакистанскиот претседател, Ариф Алви, изјави дека Иран е братска земја, но дека Пакистан ќе ги преземе сите мерки за да ја заштити својата територија, јавува Анадолу.
Претседателот Алви во писмена изјава нагласи дека Пакистан нема да прави компромиси за својата национална безбедност и територијален интегритет и го поздрави нападот на пакистанската Армија врз „терористичките засолништа“ во иранската покраина Систан-Белуџистан.
Нагласувајќи дека Пакистан и Иран се братски земји, но дека Пакистан ќе ги преземе сите одбранбени мерки, Алви рече дека тероризмот е заеднички проблем и дека борбата против тероризмот мора да биде од глобален карактер.
„Пакистан целосно го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите држави. Очекуваме другите држави да го почитуваат меѓународното право“, рече Алви.
Алви исто така рече и дека проблемите со Иран треба да се решаваат со дијалог.
Пакистанските власти соопштија дека Армијата на земјата извршила прецизни напади врз засолништата на терористите во соседната иранска покраина Систан-Белуџистан. Два дена претходно, иранските сили извршија напад врз пакистанската покраина Белуџистан, тврдејќи дека цел на нападот биле позициите на групата Џаиш ал Адл. Двете страни известуваат дека во нападите имало цивилни жртви.