свет

Палестина побара од Вашингтон да го повика Нетанјаху да ја запре војната во Газа

Денес Нетанјаху треба да се обрати пред американскиот Конгрес, кој се очекува да привлече толпи демонстранти и да се соочи со бојкот од неколку демократски пратеници

Ahmed Asmar  | 24.07.2024 - Обновена : 25.07.2024
Палестина побара од Вашингтон да го повика Нетанјаху да ја запре војната во Газа

РАМАЛА (АА) - Палестинското претседателство денес побара од американската администрација да го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш да ја прекине разорната израелска војна во Газа, јавува Анадолу.

Во соопштението издадено од државната палестинска новинска агенција Вафа, портпаролот на претседателот, Набил Абу Рудеине, рече: „Крајно време е американската администрација и Конгресот да му кажат на Нетанјаху дека мора веднаш да ја прекине војната, доколку постои вистинска американска волја да постигне мир и стабилност во регионот наместо наместо да му дозволува да го мами светот кој се противи на војната.“

Тој додаде дека израелското убивање и уништување што се протега од Газа до градовите на Западниот Брег „нема никому да му донесат безбедност и мир“.

„Без сеопфатен прекин на огнот на сите палестински територии, кој било план формулиран за денот по војната никогаш нема да ја види светлината на денот“, изјави палестинскиот претставник.

Денес Нетанјаху треба да се обрати пред американскиот Конгрес, кој се очекува да привлече толпи демонстранти и да се соочи со бојкот од неколку демократски пратеници.

Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.

Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 39.100 Палестинци, главно жени и деца, а над 90.000 се повредени.

Повеќе од девет месеци од почетокот на израелскиот напад огромни делови од Газа се во урнатини, каде што постои блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападнат на 6 мај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.