Ahmed Asmar
02 Ноември 2023•Ажурирај: 03 Ноември 2023
РАМАЛА (АА) - Палестинската Црвена полумесечина објави дека уште 55 камиони со хуманитарна помош влегле во Појасот Газа преку граничниот премин Рафа со Египет, јавува Анадолу.
„Тимовите на Црвената полумесечина преку преминот Рафа примија 55 камиони со хуманитарна помош од египетската Црвена полумесечина“, се вели во соопштението.
Се наведува дека камионите превезувале храна, вода и медицински материјали, но Израел и понатаму одбива да дозволи снабдување со витално гориво во Газа.
Се напоменува дека во Газа од 7 октомври влегле 272 камиони.
Пред 7 октомври, за време на 16-годишната израелска блокада на Газа, 500 камиони со помош, вклучително и 45 камиони со гориво, влегуваа во енклавата секој ден. Но, сето тоа престана од избувнувањето на најновите борби, а Газа се соочува со сериозен недостиг на основни потреби, вклучително и гориво, кое е итно потребно за напојување на болниците и прочистување на водата за пиење.
Израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади на Појасот Газа, кој е под немилосрдни воздушни напади откако палестинската група Хамас започна изненадна офанзива против Израел на 7 октомври.
Во израелските напади врз Појасот Газа, што траат веќе 26 дена, загинаа 8.796 Палестинци. Министерството за здравство во Газа соопшти дека меѓу загинатите има 3.648 деца и 2.290 жени. Повредени се 22.219 лица.