Betül Yılmaz
15 Октомври 2025•Ажурирај: 17 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Палестинскиот политички лидер Марван Баргути, кој се наоѓа во израелски затвор, се здобил со скршеници на ребрата поради физички напад од страна на израелските затворски чувари, соопшти денес Канцеларијата за медиуми на затворениците, јавува Анадолу.
Според соопштението објавено на Телеграм, Баргути бил претепан од страна на чуварите кон средината на септември, за време на неговиот трансфер од затворот Рамон, кој се наоѓа на југот на Израел, во затворот Мегидо.
Во инцидентот, 66-годишниот политички лидер ја изгубил свеста и се здобил со скршеници на четири ребра, се наведува во извештајот.
Баргути, висок функционер на движењето Фатах предводено од палестинскиот претседател Махмуд Абас, е еден од најпознатите и најпопуларни политички затвореници меѓу Палестинците.
Тој издржува пет доживотни затворски казни во израелските затвори од 2002 година, осуден за дејствија поврзани со Втората интифада, која започна во 2000 година.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Хамас се согласиле за првата фаза од планот што го предложи на 29 септември за воведување прекин на огнот во Газа, ослободување на сите израелски заложници во замена за палестински затвореници и постепено повлекување на израелските сили од целиот Појас Газа. Првата фаза од договорот стапи на сила во петокот.
Втората фаза од планот предвидува воспоставување нов управувачки механизам во Газа без учество на Хамас, формирање на безбедносни сили составени од Палестинци и војници од арапските и исламските земји и разоружување на Хамас.
Од октомври 2023 година, во израелските напади во Појасот Газа убиени се повеќе од 67.600 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.