Saadet Gökce
15 Октомври 2025•Ажурирај: 16 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Илјадници луѓе во јужниот дел на Индонезија се раселени или евакуирани поради ерупцијата на вулканот Левотоби Лаки-Лаки, кој се наоѓа во провинцијата Источна Нуса Тенгара, јавува Анадолу.
Поради ерупцијата, властите го подигнаа нивото на тревога на највисоко ниво.
Ерупциите се случија вчера и денес, при што пепелта се издигна до околу 10 километри високо во небото.
Првата поголема ерупција се случи вчера, според Системот за мониторинг на вулканот Левотоби.
Јавноста и туристите беа предупредени да се држат подалеку од центарот на ерупцијата и да ги следат инструкциите на властите, наведува Националната агенција за справување со катастрофи.
Најмалку девет лица загинаа, а десетици беа повредени по ерупцијата на истиот вулкан во ноември минатата година.
Врвот Левотоби, висок 1.584 метри, е дел од двоен вулкански систем заедно со вулканот Левотоби Перемпуан во округот Флорес Тимур.
Индонезија има 120 активни вулкани и се наоѓа покрај таканаречениот „Огнен прстен“, сеизмичка зона со пукнатини која го опкружува Пацификот.