Ikrame Imane Kouachi
30 Март 2024•Ажурирај: 02 Април 2024
РАМАЛА (АА) - Израел незаконски конфискуваше околу 27.000 декари земја на окупираниот Западен Брег и принуди 25 палестински заедници да ги напуштат областите од почетокот на војната во Газа изминатиот 7 октомври, продолжувајќи го своето повеќедецениско грабање на земјиштето, соопштија денес палестинските власти, јавува Анадолу.
„Окупациската држава го користи своето жестоко непријателство кон нашиот народ во Појасот Газа со извршување на масивни акции за конфискација на палестинска земја, одземајќи 27.000 декари палестинска територија“, истакна Моја Шабан, шеф на Комисијата за борба против колонизацијата и Sидот (CWRC), по повод Денот на палестинската земја.
„Површината на палестинска земја подлегната на израелските мерки изнесуваше 2.380 квадратни километри, што сочинува 42 отсто од вкупната површина на Западниот Брег и 69 отсто од вкупните области класифицирани како Ц - области кои подлежат на окупаторската воена власт“, додаде тој.
Шабан рече дека Израел веќе почнал да воспоставува тампон зони околу населбите на Западниот Брег преку серија воени наредби, предупредувајќи да не се „изолира повеќе земја и да се спречат граѓаните да пристапат до нив под воени и безбедносни изговори“.
По 7 октомври, кога започна израелската офанзива врз Газа, Шабан рече дека израелските власти почнале со разгледување на „вкупно 52 структурни планови за изградба на вкупно 8.829 колонијални единици на површина од 6.852 декари, од кои 1.895 единиците се одобрени“.
За нападите на еврејските доселеници истакна дека од 7 октомври извршиле вкупно 1.156 напади што резултирало со смрт на 12 Палестинци.
„Окупациските мерки и тероризмот на колонијалните милиции доведоа, од 7 октомври, до раселување на 25 палестински бедуински заедници, составени од 220 семејства, вклучително 1.277 поединци“, рече тој.
„Мерките на окупаторските власти и нападите на колонијалната милиција го спречија пристапот на граѓаните до повеќе од половина милион декари земјоделско земјиште“, додаде тој.
Шабан истакна дека сите овие мерки „имаат за цел контрола врз палестинската земја ... да ја елиминираат секоја можност за формирање палестинска држава со празнење на областите класифицирани како Ц, изолирање на светиот град (Ерусалим) од неговата палестинска компонента и зацврстување на контролата над него преку населување и протерување“.
Според Договорот од Осло во 1995 година меѓу Израел и палестинските власти, Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим (Источен Кудс), беше поделен на три дела - Област А, Б и Ц - со областа Ц под административна и безбедносна контрола на Израел додека не се постигне договор за конечниот статус постигнат со Палестинците.
Според меѓународното право, еврејските населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим се нелегални.
Денот на палестинската земја, 30 март, е ден на сеќавање за Палестинците на настаните од тој датум во 1976 година кога израелските власти конфискуваа огромни подрачја палестинска земја.
Оваа година, денот доаѓа во време на израелската смртоносна воена офанзива врз Газа по прекуграничниот напад на 7 октомври предводен од Хамас, во кој загинаа околу 1.200 Израелци.
Оттогап, во израелските напади врз Појасот Газа загинаа над 32.700 Палестинци, главно жени и деца, предизвикано е масовно уништување, раселување и глад.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП). Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарната помош да дојде до цивилите во Газа.