Qais Omar Darwesh Omar,Muhammed Semiz
14 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
РАМАЛА (АА) - Палестинското Претседателство, обвинувајќи го Израел за нестабилноста на ситуацијата, наведе дека ситуацијата на окупираниот Западен Брег е опасна, чувствителна и експлозивна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на палестинскиот претседател, Набил Ебу Рудејне, даде писмено соопштение во врска со смртта на двајца Палестинци во градовите Наблус и Витлеем на Западниот Брег како резултат на оган отворен од страна на израелските сили.
Ебу Рудејне истакна дека Израел, секој ден, убивајќи Палестинци, ги зголемува тензиите и ја дестабилизира ситуацијата.
Наведувајќи дека провокативната политика на Израел ги ескалира тензиите, Ебу Рудејне рече дека ситуацијата е чувствителна, опасна и експлозивна.
„Израелските окупациски сили секој ден извршуваат неконтролирани убиства врз палестинскиот народ. Имаме 37 шехиди од почетокот на годината. Покрај тоа, има и злосторства извршени од страна на еврејски доселеници“, нагласи Ебу Рудејне.
Повикувајќи ја меѓународната заедница да не се задоволува само со политиката на осуда, Ебу Рудејне нагласи дека треба да се имплементираат одлуките за меѓународен легитимитет.
На окупираниот Западен Брег и Источен Кудс (Источен Ерусалим) тензиите го достигнаа својот врв поради приведувањата и опсежните инспекции што Израелската армија ги започна од почетокот на март.