Aida Cako
31 Октомври 2025•Ажурирај: 31 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Палестинското семејство Ал-Хату од градот Газа живее во постојан страв и неизвесност, бидејќи во ѕидот на нивната куќа е заглавена огромна неексплодирана израелска бомба. И покрај смртната опасност, тие немаат друго место каде да се засолнат, јавува Анадолу.
Семејството, кое живее во населбата Нафак, ја пронашло бомбата откако се вратило во својата тешко оштетена куќа по неодамнешното прогласување прекин на огнот.
Оружјето, идентификувано како „Марк84“ (MK-84) – слободно паѓачка бомба способна да уништи цели градски блокови – останало вгнездeно во ѕидот на нивниот дом, претставувајќи сериозна закана за семејството и соседството.
„Куќата ми е превртена наопаку“, изјави за Анадолу сопственикот на домот, Муин ал-Хату. „Се плашам. Страв ми е затоа што имам деца. Страв ми е дека во секој момент може да експлодира, да ја уништи куќата и целата околина.“
Ал-Хату рече дека е во очајна состојба, исчистил само мал дел од горниот кат за да може семејството барем минимално да престојува таму, додека катот каде што се наоѓа бомбата е целосно непристапен. Тој неколкупати апелирал до властите за нејзино безбедно отстранување, но без резултат.
„Исцрпен сум и немам повеќе време“, рече тој. „Молам кој било што може да дојде и да ја извади оваа ракета… живеам во страв.“
Ситуацијата на семејството Ал-Хату ја отсликува пошироката трагедија во Газа, каде што по повеќе од две години конфликт, уништувањето е огромно, а илјадници семејства немаат безбеден покрив над главата.
Стравот на семејството го делат и нивните соседи. Хани ал-Сафеди, жител на истата населба, истакна дека целиот кварт живее во постојана напнатост.
„Мораме да ги заштитиме нашите куќи и луѓето овде“, рече тој. „Ако ја детонираат, целата област ќе биде разнесена, сè ќе биде уништено.“
Конфликтот, што започна во октомври 2023 година, досега однесе повеќе од 68.000 животи во Газа, според медицински извори.
Семејството Ал-Хату се вратило во својот дом по тековниот прекин на огнот, постигнат претходно овој месец според мировниот план од 20 точки предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.