Mohammad Sıo
31 Октомври 2025•Ажурирај: 31 Октомври 2025
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) - Израел размислува за воена ескалација во Либан, наведувајќи ги наводните напори на либанската група Хезболах да ги зајакне своите капацитети, објави денес израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН, јавува Анадолу.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера одржа кратка седница за безбедноста за да разговара за развојот на настаните во Либан, поради тврдењата дека Хезболах работи на обновување на својот офанзивен и одбранбен капацитет, се вели во извештајот.
Неименуван висок израелски функционер изјави за радиодифузерот дека „Хезболах делумно успеал во обновата на својата воена инфраструктура“, опишувајќи го ова како „директно кршење на постојниот безбедносен договор со Либан“.
Други израелски извори тврдат дека Хезболах „шверцувал стотици ракети со краток дострел од Сирија во Либан последните месеци“.
Хезболах сè уште не ги коментираше израелските обвинувања.
Развојот на настаните доаѓа во време на ескалација на тензиите покрај границата, каде што израелската војска ги интензивираше воздушните напади врз Јужен Либан и покрај прогласениот прекин на огнот од крајот на 2024 година, заедно со речиси секојдневните напади врз либанска територија.
Израелската армија уби повеќе од 4.000 луѓе и повреди речиси 17.000 во нападите врз Либан, кои започнаа во октомври 2023 година и се претворија во целосна офанзива во септември 2024 година.
Во ноември 2024 година беше постигнат прекин на огнот меѓу Хезболах и Израел. Израелската армија требаше да се повлече од Јужен Либан овој јануари, но тоа го направи само делумно и продолжува да одржува воено присуство на пет гранични пункта.