Diyar Güldoğan, Rabia İclal Turan
19 Мај 2026•Ажурирај: 19 Мај 2026
Пет лица, меѓу кои и двајца осомничени напаѓачи, се убиени во инцидент со пукање во Исламскиот центар во Сан Диего вчера, соопштија претставници на органите за спроведување на законот, јавува Анадолу.
„Она што го знаеме во моментов е дека има три починати возрасни машки лица“, изјави шефот на полицијата во Сан Диего, Скот Вал, додавајќи дека двете лица за кои се тврди дека се напаѓачите, исто така биле убиени.
Вал, зборувајќи на прес-конференција откако властите претходно прогласија дека заканата е „неутрализирана“, рече дека еден од починатите бил чувар кој работел во центарот.
„Поради локацијата на Исламскиот центар, ова го сметаме за злосторство од омраза сè додека не се докаже спротивното, и во овој момент ќе соработуваме со ФБИ за да се осигуриме дека ќе ги обезбедиме сите ресурси што ни се потребни за оваа истрага“, додаде тој.
Вал исто така рече дека сите деца во центарот, во чиј состав има и училиште, се „безбедни“. Претходно вчера, властите соопштија дека полициски екипи излегле на терен по дојавата за активен напаѓач кој пука во центарот, лоциран во населбата Клермонт, во близина на улицата Екстром.
Претседателот Доналд Трамп го опиша инцидентот со пукањето како „страшна ситуација“.
„Во моментов ме информираат за настанот и тоа е навистина страшна ситуација. Добив првични информации, но дополнително и многу сериозно ќе го разгледаме целиот случај“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа.
- „Крајно скандалозно“ е да се има за цел верски објект -
Во меѓувреме, директорот на Исламскиот центар во Сан Диего, Таха Хасане, за новинарите изјавите дека е „крајно скандалозно“ да се има за цел верски објект.
„Никогаш досега не сме доживеале ваква трагедија“, рече Хасане.
„Луѓето доаѓаат во Исламскиот центар да се молат, да слават, да учат, и тоа не само муслиманите. Токму утринава, претходно, група луѓе кои не се муслимани дојдоа само за да научат нешто за нашата вера и нашите култури. Така што, ова е нешто што никогаш не сме го очекувале“.
Набрзо по инцидентот, официјални лица изјавија за Анадолу дека „пријавено е оти има повеќе повредени и загинати“, иако не можеа да го прецизираат точниот број жртви.
Полицијата и градоначалникот на Сан Диего, Тод Глорија, ги повикаа жителите да ја избегнуваат областа и да ги следат упатствата од службениците за јавна безбедност.
„Запознаен сум со ситуацијата со активниот напаѓач во Исламскиот центар во Сан Диего во Клермонт и продолжувам да добивам ажурирани информации од органите за спроведување на законот. Итните служби се на терен и активно работат на заштита на заедницата и обезбедување на подрачјето“, напиша тој на американската компанија за социјални медиуми Х.
Кабинетот на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, соопшти дека тој бил известен за ситуацијата.
„Благодарни сме на итните служби на терен кои работат на заштита на заедницата и ги повикуваме сите да ги следат упатствата од локалните власти“, се додава во соопштението.
Советот за американско-исламски односи (CAIR) во Сан Диего, исто така, објави соопштение по инцидентот, велејќи првично дека најмалку едно лице е убиено.
„Алах да му го подари највисокото место во рајот и да ги заштити сите од зло. Никој никогаш не треба да стравува за својата безбедност додека присуствува на молитва или додека учи во основно училиште“, соопштија од Исламскиот центар на Х.