Recep Şakar
12 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
МЕЛБУРН
Властите во Австралија соопштија дека на 113 животински видови им е потребна итна помош бидејќи во пожарите им се уништени живеалиштата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Федералното министерство за земјоделство во извештајот за закрепнувањето на дивите животни на кои шумските пожари им оставија последици, ја претстави листата на животни на кои им е потребна итна помош.
Меѓу животинските видови на кои помошта им е најпотребна се наоѓаат коали и кенгури, а следуваат видови на птици, риби и жаби.
Кажано е дека во пожарите ниту еден вид не исчезнал во потполност, но дека на 113 видови им е потребна итна помош со оглед на тоа што во пожарите се уништени повеќе од 30 отсто од живеалиштата и се намалени количините храна.
На листата што ја составија експертите се наоѓаат 13 видови птици, 19 цицачи, 20 рептили, 17 жаби, пет безрбетници, 22 слатководни ракчиња и 17 риби.
Се наведува дека одредени видови, кои речиси во потполност го изгубиле живеалиштето, се соочени со закана од исчезнување.
Министерката за околина, Сузан Леј, изјави дека извештајот е непотполен поради пожарите кои и понатаму догоруваат и дека во наредниот период ќе бидат понудени подетални информации.
„Иако имаме одредени охрабрувачки назнаки за загрозените животни на подрачјата зафатени од пожарите, и понатаму не е сигурно да се влезе во многу зони за да се направат подетални проценки“, изјави Леј.
Фондацијата за заштита на животните во дивината на Австралија (WWF) претходно упати соопштение во кое наведуваат дека во пожарот, директно или индиректно, се проценува дека настрадале 1, 25 милијарди животни.
Во пожарите што во септември 2019 започнаа во Нов Јужен Велс, а потоа се проширија и на подрачјето во Квинсленд, Викторија и Јужна Австралија, смртно настрадаа 33 лица, а изгореа повеќе од 11 милиони хектари земјиште и повеќе од 3.000 објекти.