Ömer Tuğrul Çam
24 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
БРИСЕЛ
Иницијативата на граѓанското општество за заштита на јазикот и културата на малцинствата во Европската Унија (ЕУ), помина долг пат кон правната регулатива во ЕУ како резултат на долгогодишна работа. Со Нацрт-резолуцијата усвоена од Европскиот парламент, од Комисијата на ЕУ е побарано да подготви предлог-закон, известува Агенција Анадолија (АА).
Се проценува дека околу 50 милиони луѓе им припаѓаат на традиционалните малцински и јазични групи во рамките на ЕУ. Низ цела Европа се спроведуваат студии за да се заштитат и поддржат културата и јазиците на малцинствата.
Во рамките на овие активности во 2013 година основана е Иницијативата на европските граѓани за заштита на малцинствата, која постигна значаен напредок и ја донесе својата работа на дневен ред на Европскиот парламент. Со Нацрт-резолуцијата усвоена од Европскиот парламент, од Комисијата на ЕУ е побарано да подготви предлог за законска регулатива.
Комисијата на ЕУ сега треба во рок од еден месец да го даде својот став за Иницијативата на европските граѓани за заштита на малцинствата.
Иницијативата на граѓанското општество, која е признаена и од Комисијата на ЕУ, вклучува барања како што се еднаквоста на малцинствата, поддршка на малцинските заедници, поддршка и заштита на јазиците, образованието, културата и аудио-визуелните можности на малцинските заедници.
Иницијативата започна во 2017 година со собирање на 1 милион потписи потребни за да се признае како европска граѓанска иницијатива. За кратко време се собрани 1,1 милион потписи низ цела Европа.
Во Нацрт-законот усвоен од Парламентот поддржано е барањето на Иницијативата на европските граѓани за заштита на малцинствата, со кое од Комисијата на ЕУ се бара да преземе акција во врска со законските регулативи на малцинските права.
Голем број пратеници ги поддржаа барањата на иницијативата во своите обраќања за Нацрт-резолуцијата во Парламентот.
- Ќучук: „Време е за трансформација во законодавството“
Илхан Ќучук, пратеник од Бугарија, кој е меѓу оние што имаа свое обраќање во Парламентот, изјави дека колку едно општество е демократско може да се разбере од неговиот интерес што го покажува кон малцинствата и побара иницијативата да биде поддржана.
„Горд сум што потписите на 36.263 бугарски граѓани се вклучени меѓу потписите на повеќе од 1 милион европски граѓани. Време е иницијативата на граѓанското општество за заштита на правата на јазикот и етничката култура да се претвори во законодавство на заедницата“, рече Ќучук.
Ќучук, барајќи од Комисијата на ЕУ да креира модерно законодавство кое ќе ја гарантира и ќе ја развие разновидноста на Европа, продолжи со зборовите: „Ова прашање за нас е многу важно бидејќи станува збор за европските вредности, пред сѐ за општите човечки вредности.“
- Во Бугарија забрана за кампања на турски јазик
Посочувајќи на забраната за политичка пропаганда на друг јазик во Бугарија како пример, Ќучук рече дека според изборниот закон, граѓаните на земјите од ЕУ можат да учествуваат на изборите за ЕП, но во Бугарија можат да водат кампања само на бугарски јазик.
„На пример, доколку некој германски државјанин дојде и стане кандидат на Бугарија, тогаш на кој јазик ќе ја води кампањата? Движењето за права и слободи, чие членови во Бугарија главно се турски, понуди предлог со кој, доколку е тоа потребно, изборната кампања да се спроведува со превод, но не било прифатено“, истакна Ќучук.
Ќучук ја истакна потребата од водење на изборна кампања на турски јазик во Бугарија, на местата во кои претежно живее турско население, и додаде: „И ние ги бараме нашите права во Бугарија, но кога не можеме да ги најдеме, се обраќаме до европските институции.“
Ќучук истакна дека Иницијативата за заштита на малцинствата ја гледаат како добра можност во тој поглед.
Постојат активности за заштита на јазикот и културата на малцинствата во голем број европски земји, како што се унгарското малцинство во Романија, руското малцинство во балтичките земји и Полска и словенечкото малцинство во Австрија.