Muhammed Emin Canik
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
БУЕНОС АИРЕС (АА) – Во Чиле продолжуваат антивладините протести што започнаа во октомври минатата година откако беа зголемени цените на билетите за метрото во главниот град Сантијаго, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Сантијаго и други различни делови на земјата се случија судири помеѓу полицијата и демонстрантите што протестираат против Владата на Себастијан Пињера.
Безбедносните сили возвратиле со пластични куршуми и солзавец кон толпата, која запалила оган и кон полицијата гаѓала со тврди предмети. Демонстрантите протестираа на плоштадот „Италија“.
- Снимателот на АА повреден во градите -
Снимателот на Агенција Анадолија (АА), Јусуф Џан Сарикаја, кој ги следеше демонстрациите, е ранет во градите со пластичен куршум за време на полициската интервенција врз демонстрантите.
Здравствените екипи, лоцирани во близина на подрачјето каде што се организираат демонстрациите, интервенирале врз Сарикаја.
Демонстрациите во Чиле, што траат повеќе од 5 месеци, се проширија во различни делови на земјата.
Голем број демонстранти беа повредени при полициската интервенција во Консепсион, Валпараисо и Антофагаста.
Протестите што започнаа на 6 октомври 2019 година поради зголемувањето на цената на билетите за метрото, на 18 октомври се претворија во насилни во голем број градови. Во Сантијаго метрото го користат повеќе од 3 милиони патници на ден.
Поради демонстрациите, во земјата 23 лица ги загубија животите, илјадници луѓе се повредени, а 9.203 лица беа приведени.
Чилеанскиот претседател Себастијан Пињера се извини што не ги разбрал економските проблеми на луѓето, спроведе економска програма и смени 8 министри од Владата. Но и покрај тоа протестите продолжија.
Иако Владата спроведе голем број отстапки, демонстрантите не запираат и за првпат по соборувањето на диктаторот Аугусто Пиноче во 1990 година е прогласена вонредна состојба и безбедноста ѝ е предадена на Војската.
Пинера најави дека референдумот за промена на Уставот од ерата на Пиноче ќе се одржи на 26 април.