АНКАРА (АА) - Во подрачјето на дождовната шума долж Амазон се случуваат пожари предизвикани од човекот, но и природни пожари, меѓутоа, последните пожари не можат да бидат окарактеризирани како природни, истакна челник на непрофитна група за животната средина.
„Околу 7.500 километри квадратни шума беа исечени во 2018 година, а со континуираното сечење во 2019 година бројката најверојатно ќе биде еден и пол пати или двојно поголема на крајот на годината“, изјави за Anadolu Agency (АА) Хенриет Волц, од Алијансата на глобална дефорестација на дождовните шуми.
Групата работи со бизнис, земјоделски и шумски групи, со цел создавање подобра иднина за луѓето и природата преку склучување одговорни бизниси.
Волц вели дека иако во минатото во Амазонија се случувале природни пожари, како што беа сушните години од Ел Нињо, овогодишните пожари не можат да се разгледуваат како пожари настанати по природен пат.
„Сезоната на најголемите пожари и на дефорестацијата е сувата сезона која трае од јуни до септември; јуни и јули бележат пораст од 60 до 90 отсто во однос на бројот на пожари во 2019 година споредбено со 2018 година. Помеѓу јануари и сега регистрирани се 74.000 пожари; ова е најголемата бројка пожари од 2013 година“, рече таа.
Додаде дека овој вид на дефорестација обично се користи за земјоделски цели со сечење и палење на дрвјата, со цел да се добие органско, продуктивно земјиште.
„Предизвикувачите на дефорестацијата во Амазонија се комплексни. Причините за дефорестацијата на Амазон вклучуваат директни двигатели, како што се нелегалната сеча, расчистување на земјиштето за земјоделство и зголемениот урбан развој“, вели Волц, и посочува дека охрабрувањето на конвенционалното земјоделство или развој со меѓународните финансиски политики се исто така индиректни двигатели на дефорестацијата.
Таа нагласува дека врз дождовната шума, која игра круцијална улога во борбата против климатските промени, е под влијание на климатските промени.
„[Претседателот Жаир] Болсонаро неколкупати истакна дека има за цел економски да го развие регионот на реката Амазон, и дека има намера да се започне со официјални активности на ископување и рударство во подрачјето на Амазон и автохтоните заедници“, посочи Волц во однос на дополнителните причини за дефорестацијата.
- Дождовната шума станува сѐ поранлива -
Емисиите на јаглерод поради дефорестацијата се значаен поттикнувач на климатските промени, изјави за АА извршниот директор на „Amazon Watch“, Лејла Салазар-Лопез.
Поради климатските промени, дождовните шуми стануваат сѐ поподложни на пожари и суши кои водат кон поголема дефорестација.
„Последниве пожари кои ја пустошат Амазонија се глобална трагедија и опасен придонес кон климатскиот хаос“, истакна извршната директорка на организацијата што работи на заштита на дождовните шуми и на унапредувањето на правата на автохтоните заедници во басенот на Амазон.
Во Амазонија изгореа над 800.000 хектари, значително придонесувајќи кон климатските промени „и од јаглеродот ослободен од шумските пожари, но и од загубата на дрвјата и нивната можност да апсорбираат јаглерод во иднина“, рече таа.
„Срцето на Земјата“ или „белите дробови на Земјата“ се регулатори на регионалната и глобалната клима, на океанските струи, како и на временските модели.
„Оттука, заштитата на Амазонија е есенцијална за заштита на климата, или во најмала рака, за забавување и ублажување на климатскиот хаос“, вели таа.
Потенцираше дека заштитата на дождовните шуми и ублажувањето на климатските ефекти преку бранењето на правата на автохтоните заедници е значајно решение за растечките климатски закани.
„Илјадници години, Амазонија е дом на најмалку 400 различни автохтони заедници од [осум] различни јужноамерикански земји, чии животи се длабоко поврзани за земјата, за водата, заради секојдневен и културен опстанок“, рече Салазар-Лопез, чии соработници од организациите на автохтоните заедници и еколошките организации за човекови права, заеднички се борат за одговорност и зачувување на екосистемите во Амазонија.
На 5 септември се одбележува Глобалниот ден на акција за Амазон, кои го одбележуваат голем број невладини организации, и на глобално ниво преку протести и демонстрации за подигање на свеста за тековните пожари во Амазонија и односот на Болсонаро кон дождовните шуми.
Амазонија е дом на 1/3 од растителните и животински видови во светот и генерира 20 отсто од слатките води на Земјата. Таа произведува и 20 отсто од кислородот на Земјата, и апсорбира над 1 милијарда тони од атмосферскиот јаглерод кој се ослободува од согорувањето на фосилните горива на годишно ниво.