Salih Bilici,Hemn Baban
26 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
МОСУЛ (АА) - Веќе пет месеци не се згаснати пожарите на 11 нафтени извори во Кајара, Ирак, кои беа предизвикани од членовите на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Освен тоа што пожарите му предизвикуваат материјална штета на Ирак во износ од неколку милиони долари, густите облаци чад се штетни за здравјето на локалното население.
При повлекувањето од градот Кајара, припадниците на ДЕАШ на 24 август 2016 година ги запалија нафтените извори, кои се основа на ирачката економија.
Голем број од огновите беа ставени под контрола, а пожарникарите се обидуваат да ги скротат и останатите пожари.
Досега се изгаснати пожарите на 13 извори, а останатите, уште толку на број, не се изгаснати поради тоа што Багдад нема технолошки способности за гаснењето на овие пожари.
Екипите користат застарени методи, со фрлање земја во изворите, што не е доволно кога станува збор за големи пожари.
Пожарникарите користат и вода за ладење на површината, за да можат да се приближат до огнот и да го изгаснат.
Претставниците на Северната нафтена компанија посочија дека, најверојатно, членовите на ДЕАШ при повлекувањето фрлиле најмалку 30 бомби во изворите.
Кајара е град одалечен 60 километри од Мосул и со 70-те извори претставува богато нафтено поле. ДЕАШ во 2014 го зазеде градот, а нафтата беше незаконски продавана.