Necva Taştan Sevinç
06 Август 2026•Ажурирано: 06 Август 2026
Шумските пожари годинава зафатиле околу 70.000 хектари во Италија, што претставува зголемување од 133 отсто во споредба со просекот од изминатите две децении, соопшти вчера Светскиот фонд за природата (ВВФ), јавува Анадолу.
Според новиот извештај на ВВФ Италија, изгорената површина е еквивалентна на околу 100.000 фудбалски игралишта, а речиси една третина од пожарите зафатиле заштитени подрачја.
Низ Европа, од почетокот на годинава изгореле околу 435.000 хектари, што е за околу 100.000 хектари повеќе отколку во истиот период во 2025 година.
Во Шпанија пожарите уништиле 219.000 хектари, додека во Франција изгореле уште 91.000 хектари. Во пожарите загинале десетици лица, а повеќе од 300.000 жители биле принудени привремено да ги напуштат своите домови.
ВВФ предупреди дека сè поекстремните шумски пожари стануваат „нова нормалност“, поттикнати од климатските промени и несоодветното управување со шумите и другите ранливи подрачја.
Организацијата истакна дека, иако итните интервенции за гаснење пожари остануваат неопходни, тие повеќе не се доволни бидејќи пожарите стануваат поинтензивни, истовремено избувнуваат на повеќе места и сè потешко се ставаат под контрола.
„Секое лето сме сведоци на истото сценарио: уништени подрачја, евакуирани заедници, загрозен биодиверзитет и огромни економски трошоци“, изјави Едоардо Невола, раководител за шумарство во ВВФ Италија.
„Повеќе не можеме само да ги гаснеме пожарите и да се фокусираме на нивно сузбивање. Вистинскиот предизвик е да спречиме тие да станат неконтролирани, со навремена превенција“, додаде тој.
Во извештајот се наведувааат 10 приоритетни мерки за надлежните институции, меѓу кои зголемување на средствата за превенција, подобра координација меѓу институциите, унапредување на мониторингот на ризиците, засилен надзор на теренот и интегрирање на превенцијата од пожари во политиките за адаптација кон климатските промени.
ВВФ нагласи дека човековата активност е одговорна и за климатските промени што ги засилуваат екстремните пожари, како и за речиси сите поединечни случаи на избувнување пожари, истакнувајќи дека се неопходни долгорочни структурни инвестиции за да се зголеми отпорноста на природните предели.