Hajer M'tırı
09 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - На новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон, за спроведувањето на најавените реформи ќе му биде потребна поддршка од парламентот, а резултатите на веќе одржаните парламентарни избори во француските прекуморски региони и истражувањата на јавното мислење спроведени во таа земја, на два дена пред изборите најавуваат дека неговото политичко движење La Republique En Marche (LREM) (Напред!) ќе го освои парламентарното мнозинство, јавува Anadolu Agency (AA).
Француските гласачи на парламентарните избори избираат нов состав на Националното собрание, Долниот дом на парламентот којшто има вкупно 577 пратенички места. Првиот круг на изборите во 566 изборни единици во Франција ќе биде одржан в недела, а во регионите во коишто ниту еден кандидат нема да освои мнозинство со повеќе од половина од гласовите, ќе биде одржан и втор круг на 18 јуни.
Гласачите во прекуморските француски региони, вкупно 1,3 милиони, веќе гласаа, и на движењето на Макрон, LREM, му дадоа десет од вкупно 11 пратенички места. Аналитичарите сметаат дека тоа е валиден показател дека гласачите сакаат реформи и понатаму да му веруваат на Макрон, без оглед на тоа што двајцата негови министри се под истрага поради сомнително финансиско работење.
Центарот за истражување на јавно мислење „OpinionWay/Orpi“ синоќа ги објави резултатите од последната анкета, според којашто LREM би требало да освои меѓу 370 и 400 пратенички места, што е значително повеќе за парламентарното мнозинство од потребните 289.
Републиканската партија и нејзините конзервативни сојузници би требало да добијат меѓу 120 и 150 пратенички места, Социјалистичката партија би требало да има меѓу 15 и 25 пратеници, колку што се предвидува дека ќе освои и радикално левичарското движење коешто го води Жан-Лук Меланшон. Радикално десничарскиот Национален фронт, предводен од Марин ле Пен, би можел да освои меѓу 8 и 18 места во Долниот дом на Ппарламентот.
Резултатите на анкетата исто така најавуваат дека во првиот круг на изборите би требало да излезат до 54 отсто од гласачите, што би било рекордно слаба излезност во Франција.
Доколку анкетните предвидувања се покажат како точни, францускиот претседател Макрон би можел да има најсилна поддршка во парламентот уште од 1968 година, период земјата беше предводена од Шарл де Гол.