Jo Harper
10 Септември 2025•Ажурирај: 11 Септември 2025
ВАРШАВА (АА) - Полска ќе побара од НАТО да го активира член 4 откако руски дронови влегоа во нејзиниот воздушен простор, изјави премиерот Доналд Туск денес пред пратениците, јавува Анадолу.
Неговите изјави следуваа по состанокот на Бирото за национална безбедност свикан од претседателот Карол Навроцки. Туск рече дека потегот е заедничка одлука со претседателот.
Член 4 повлекува консултации меѓу членките на НАТО кога некоја чувствува дека нејзината безбедност, територија или политичка независност е загрозена. Тој овозможува разговори на високо ниво за начините за спротивставување на заканите, но не ја обврзува Алијансата на воена акција.
„Член 4 е само почеток на подлабока соработка, а зборовите не се доволни. Ќе очекуваме значително поголема поддршка за време на консултациите. Ова не е наша војна, ова не е само војна за Украинците, ова е војна, конфронтација што Русија ја прогласи на целиот слободен свет“, рече Туск.
Според НАТО, член 4 е активиран само седум пати од создавањето на НАТО во 1949 година.
Претходно денес, Туск објави на социјалните мрежи дека полската војска соборила дронови кои синоќа го нарушиле нејзиниот воздушен простор. Тој рече дека свикал итен состанок на Кабинетот и го информирал генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Откако беа соборени 19 дронови, како што објави „Онет“, неколку аеродроми, меѓу кои и Варшава и Жесуф, беа затворени како мерка на претпазливост. Полицијата, граничната полиција и пожарникарите беа ставени во состојба на готовност низ цела источна Полска.
„Откако се случија нарушувањата на воздушниот простор на Полска, останав во постојан контакт со министерот за одбрана и високите воени команданти“, напиша Навроцки на американската платформа за социјални медиуми X.
Во меѓувреме, министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш повика на смиреност, велејќи дека ги информирал колегите во Велика Британија, Германија, Франција и Италија, а исто така бил во контакт со шефовите на одбраната од Финска, Шведска, балтичките земји и претставници на НАТО.