Murat Temizer
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
ЛОЃ (АА) - Не можеме да прифатиме никаков договор што ќе одобри присилна промена на границите. Каква било мировна средба треба да се води со согласност на украинските власти, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда, додавајќи дека рускиот напад врз Украина не треба да се прифати како нормален, јавува Агенција Анадолија (АА).
На отворањето на состанокот на Советот на министри на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што се одржува во Лоѓ, Полска, претседателот Дуда рече дека Русија извршила брутален напад врз Украина.
Нагласувајќи дека оваа агресија ја одбележало полското претседавање со ОБСЕ, полскиот претседател рече: „За жал, Русија, една од земјите членки на ОБСЕ, безмилосно ги прекрши сите правила. Нема сомнеж дека Русија е криминогена држава која е недоследна во својата политика и на чиј збор не може да се верува.“
Тој потенцира дека цивилите биле убиени на планиран начин во Украина, и порача дека нема да се замижува пред тоа.
Истакнувајќи дека не треба да се прифати како нормален рускиот напад врз Украина, претседателот Дуда рече: „Не можеме да прифатиме каков било договор со кој би се одобрила присилна измена на границите. Каква било мировна средба треба да се води со согласност на украинските власти.“
Нагласи дека Русија има активности кои претставуваат закана за внатрешната безбедност и по прашањето за интеграцијата на Молдавија во Европската Унија (ЕУ): „За жал, политичките и воените капацитети на ОБСЕ се недоволни. Оваа организација се заснова на добра волја и соработка.“