БЕЈРУТ (АА) – Четириесет и две години по граѓанската војна во Либан, која траеше петнаесет години и беше причина за смртта на повеќе од 150 илјади лица, сѐ уште има траги од оваа војна и сѐ уште продолжува нејзиното влијание, пишува Anadolu Agency (AA).
Поминаа 42 години од почетокот на крвавата граѓанска војна во Либан, којашто предизвика рушење на државата и смрт на повеќе од 150 илјади лица. Либанците сѐ уште се борат со политичкото, економското и социјалното влијание од оваа војна.
Сегашната политичка структура се оформи според резултатите од војната следствено на тоа, уште се присутни трагите и влијанието од оваа војна.
- Почетокот на војната
Како почеток на граѓанската војна во Либан се смета настанот што се случи на 13. април 1975 година, пред црквата Св. Марoн во Бејрут, каде што христијанската милициска фаланга организираше оружeн напад на автобус што превезуваше палестински мигранти во бегалскиот камп „Тел ез-Затер“. Во овој напад загинаа 27 Палестинци, меѓу кои имаше жени и деца.
Во педесеттите години од минатиот век, стотици илјади палестински бегалци дојдоа во Либан, каде што постои етничка, политичка, верска и секташка поделба, а со овој прилив на палестински бегалци, тензиите почнаа да растат. Студената војна и судирот на идеологиите, кој растеше и продолжи низ целиот свет во тој период, во Либан се доживеа остро и отворено.
Настанот од 13. април 1975 година, односно „масакрот во автобусот“ ја потпали бомбата која и онака беше подготвена да експлодира. Со политичките и секташките поделби во државата, како и со наоружувањето, настаните преминаа во 15-годишна граѓанска војна.
Граѓанската војна во Либан се совпадна со Студената војна, а регионалните и глобалните сили предизвикаа продолжување на оваа војна, вклучувајќи се со поддршка на одредени групи, или пак директно. Во текот на овој процес, Сирија и Израел зазедоа место во регионот како главни актери, додека пак, нивните сојузници САД и Русија, со помош на своите претставници ги споделија своите адути во Либан.
Окупацијата на Либан од страна на Израел, која започна во јужниот дел од државата, во 1978 година, па се прошири до Бејрут во1982 година, во 1985 заврши со постепено повлекување кон југот на државата. Израел за време на оваа окупација изврши многу воздушни напади со воени авиони.
Главниот град на Либан, Бејрут, до 1990 година беше поделен на западен и источен Бејрут, при што на западната страна доминираа муслимани, а на источната христијани.
Граѓанската војна, која ги доведе различните вери и секти во судир, заврши со потпишување на Договорот во Таиф, Саудиска Арабија, во 1989 година. Меѓутоа, додека договорот да стане ефективен, судирите меѓу групите продолжија уште одредено време.
Во оваа граѓанска војна беа ранети стотици илјади Либанци, а повеќе од еден милион лица беа принудени да ја напуштат својата држава.
Либанската Блада, за која се вели дека не се соочила со оваа војна, во 1991 година донесе Закон за амнестија, со што сите воени злосторници беа амнестирани.
- Масакрот Сабра и Шатила
За време на оваа војна, во Либан беа извршени повеќе масакри. Еден од најпознатите е масакрот Сабра и Шатила, кој започна на 16. септември 1982 година и траеше три дена.
Во бегалскиот камп „Сабра и Шатила“, во западниот дел на Бејрут, каде што живееја околу 20 илјади палестински бегалци, либанската екстремно десничарска христијанска милициска фаланга, под надзор на Израел изврши масакр, во којшто беа убиени повеќе од 3 илјади палестински бегалци.
Овој масакр остана запаметен во историјата како потсетување за крвавото лице на 15-годишната граѓанска војна во Либан.
- Во Бејрут, по толку години, сѐ уште е возможно да се видат трагите од катастрофалната војна
Градот Бејрут беше разрушен со тешко оружје со голема разорна моќ. На зградите што останале несрушени, сѐ уште можат да се видат трагите на катастрофалната војна и по толку години.
Во некои од зградите, каде што има дупки од куршуми и урнатини од бомби, Либанците продолжуваат да го живеат животот понатаму. Во последните години се направени високи модерни згради во Бејрут, но старите згради коишто носат траги од војната го привлекуваат вниманието на секој што за првпат доаѓа во овој град. Во некои од овие згради се згрижуваат Сиријците кои бегаат од војната во последните години.
Во областа Содеко, во средниот дел на Бејрут, која важела за црвена линија за време на војната, денес се изградени кафулиња, домови, ресторани и хотели. Во овие места, коишто носат траги од војната, муслиманите и христијаните живеат заедно.
- Продолжуваат расправите за граѓанската војна
Лицата кои за време на судирот беа нарекувани „господари на војната“, денес фигурираат на многу важни политички функции во државата или како пратеници во парламентот. Поради ова, расправите за граѓанската војна во Либан продолжуваат во јавноста.
Во март 2017 година, патријархот на црквата Св. Марон, Вешара Раи, во една телевизиска програма рече дека причина за граѓанската војна биле палестинските групи. Подоцна, палестинските групи објавија заеднички извештај во кој изјавија дека тие не се причината за отпочнувањето на граѓанската војна во Либан.