Nour Mahd Ali Abuaisha,Ali Semerci
01 Јануари 2025•Ажурирај: 02 Јануари 2025
ГАЗА (АА) - Управата за цивилна одбрана во Газа објави дека се поплавени повеќе од 1.540 шатори во кои се сместени раселените Палестинци во последните два дена поради обилните дождови, известува Анадолу.
Спасувачките екипи соопштија дека стотици шатори се наоѓаат под вода и дека нивото на водата на некои места надминува 30 сантиметри.
Во соопштението се наведува дека водена буица влегла во шаторите и ги оштетила креветите и другиот мебел.
Вкупно 497 шатори се потопени и оштетени во различни делови на градот Газа, 170 во Рафа, 665 во Хан Јунис и 210 во Деир Ел Балах.
Во Појасот Газа, каде Израел продолжува со бруталните напади од 7 октомври 2023 година, седум лица, меѓу кои шест бебиња, починаа од измрзнување.
Израелската војска води геноцидна војна во Газа убивајќи повеќе од 45.500 Палестинци од 7 октомври 2023 година, главно жени и деца, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Во ноември, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.