Faisal Mahmud
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Над 100 луѓе загинаа откако обилните дождови и поплави погодија делови на Тајланд и Индија, зафаќајќи милиони луѓе, објавија денес локалните власти и медиумите, пренесува Анадолу.
Во Тајланд, поплавите однесоа 23 животи и погодија повеќе од 2,6 милиони луѓе во 29 провинции и во главниот град Бангкок, објави весникот „Нејшн“, повикувајќи се на Одделот за превенција и ублажување на последици од катастрофи.
Во најновиот извештај на Одделот, објавен во 6 часот наутро (понеделник, 23:00 часот по Гринич), се наведува дека поплавите сè уште се присутни во 167 окрузи, 890 потокрузи и 5.077 села, а погодени се 940.300 домаќинства.
Нивото на водата растело во 14 провинции, било стабилно во шест провинции и во Бангкок, а се повлекло во девет други провинции, според податоците на Одделот.
Бангкок е меѓу најтешко погодените подрачја откако повеќедневните обилни врнежи ги поплавија патиштата и станбените населби. Локалните власти продолжија со испумпување на водата од погодените области откако интензитетот на дождот се намали.
Во меѓувреме, најмалку 81 лице загинаа, а 62 се повредени во северната индиска држава Утар Прадеш во периодот од 25 до 27 септември, објави весникот „Тајмс оф Индија“, повикувајќи се на државната Канцеларија на комесарот за помош.
Оштетени се најмалку 2.254 куќи и умреле 154 животни, додека властите продолжија со процена на штетата врз земјоделските култури, се наведува.
Надлежните регистрирале просечно 66,5 милиметри дожд во текот на 48 часа, што е значително над вообичаените 7,6 милиметри, односно 775 % над нормалата, се додава.
Педесет и шест од вкупно 75 окрузи во Утар Прадеш забележале „голем вишок“ на врнежи.
Во меѓувреме, во Мјанмар е потврдена смртта на најмалку едно лице, додека повеќе од десетина луѓе се водат како исчезнати поради поплавите во јужниот регион Танинтари, објави „Мјанмар нау“.