Vakkas Doğantekin
11 Ноември 2019•Ажурирај: 12 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Поранешен американски сенатор ја критикуваше американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за воениот удар во Боливија, укажувајќи на вмешаноста на Соеднитените Американски Држави (САД) во соборувањето на претседателот Ево Моралес, јавува Anadolu Agency (AA).
„Честитки за победата во Боливија, ЦИА!“ напиша Мајк Гравел на Твитер.
Поранешниот сенатор на демократите од Алјаска долго време ја критикува американската политика во Латинска Америка.
„Лагата што ќе ја слушате до мачнина е дека социјалистичките држави не успеале - во реалноста тоа е усогласено дејствување на американската империјална машинерија да уништи која било држава што би можела да им се спротивстави во било кое време“, објави преку твит во мај.
Единствената реакција на политичките случувања во Боливија дојде од конгресменката Илхан Омар, која на Твитер го окарактеризира она што се случи во Боливија како „пуч“.
Омар ги повика американските законодавци „недвосмислено да се спротивстават на политичкото насилство во Боливија“.
„Постои збор кога еден претседател на држава е соборен од страна на војската. Тоа се нарекува пуч. Боливијците заслужуваат слободни и фер избори“, додаде Омар.
Поранешниот претседател на Боливија вчера кажа дека против него е распишан „противзаконски налог за апсење“ и дека неговата куќа била нападната од толпа по неговата присилна оставка.
Преку социјалните медиуми, Моралес рече дека „заговорниците на пучот ја разгоруваат боливиската демократија“.
Опозицискиот лидер Луис Фернандо Камачо, претседател на десничарскиот граѓански комитет „Про Санта Круз“, преку Твитер потврди дека е издаден налог за апсење на Моралес.
Тој истакна дека безбедносните сили трагаат по Моралес и дека војската го презела претседателскиот авион.
На 20 октомври во Боливија се одржаа претседателски избори на кои Моралес овои 47,8 отсто од гласовите, обезбедувајќи победа во првиот круг. Опозицијата ја обвини Владата за измама, а некои партии ги повикуваа поддржувачите да излезат на улиците.
Откако опозицијата повика на поништување на изборите, Моралес најави нови избори, но поддржувачите на опозицијата најавија продолжување на протестите сè додека не се одржат избори без учество на Моралес.
Вчера, челникот на боливиската армија, Вилијамс Калиман, го повика Моралес да се повлече во обраќање до целата нација пренесувано во живо.
Моралес се огласи дека поднел оставка и дека против него е извршен пуч. Тој рече дека донел одлука да ги спречи Камачо и Карлос Меса, поранешниот претседател на Боливија, да издаваат дополнителни инструкции до нивните приврзаници да ги напаѓаат Боливијците.