Mahmoud Mohamed Barakat
23 Ноември 2023•Ажурирај: 26 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Поранешна израелска министерка рече дека „решение“ за ситуацијата во Појасот Газа е целосното заминување на неговите над 2 милиони палестински жители, пренесува Анадолу.
Говорејќи за израелскиот „Канал 13“, поранешната министерка за правда Ајелет Шакед изјави дека градот Хан Јунис, што се наоѓа во јужниот дел на Појасот Газа, ќе биде претворен во „фудбалско игралиште“ со помош на Бог и израелската Армија.
Израел треба „да го искористи уништувањето што ќе го направиме врз нив“, рече Шакед, тврдејќи дека другите земји поединечно треба перманентно да земат „20.000 или 50.000“ од палестинските жители на Газа за целосно да се напушти областа.
Таа истакна дека Израел треба да го искористи моменталното разорување во Газа и да дозволи што повеќе луѓе да си заминат, наведувајќи го претходното заминување на околу 500.000 млади Палестинци во последните години.
„Треба 2 милиони да заминат... тоа е решението за Газа“, рече таа.
Шакед нагласи дека другите земји треба „да го преземат товарот за да им овозможат (на жителите на Газа) да си заминат.“
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа по нападот на Хамас, во коишто загинаа над 14.500 Палестинци, повеќето жени и деца, според здравствените власти на енклавата.