Ihvan Radoykov
19 Март 2022•Ажурирај: 20 Март 2022
СОФИЈА (АА) - Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, и неколкумина блиски соработници од неговата партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) се пуштени на слобода, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако во притвор поминаа 24 часа, Борисов, поранешниот бугарски министер за финансии Владислав Горанов и советничката на Борисов за односи со медиумите во неговиот Кабинет, Севдалина Арнаудова, синоќа се пуштени на слобода, а пред Полициската управа во Софија ги пречекаа симпатизерите и поддржувачи на нивната партија.
„На неверојатен, брутален начин нè вратија во мрачната ера на комунизмот“, рече Борисов по излегувањето од полициската станица.
Истакна дека полицијата во цивилна облека упаднала во куќата претходната вечер додека вечерал со внуците, извршила претрес на целата куќа и го привела без да покаже налог за тоа.
Арнаудова накратко рече дека им бил одреден 24-часовен притвор без подигнување обвинение.
Од Министерството за внатрешни работи на Бугарија претходно соопштија дека приведувањето е извршено во рамките на сеопфатната истрага на Европското обвинителство за 120 одделни предмети за различни видови корупција во врска со европските финансиски фондови.