Zehra Nur Düz
19 Март 2022•Ажурирај: 20 Март 2022
АНКАРА (АА) – Украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа побара Русија да води сериозни преговори за да се обезбеди мир и безбедност во неговата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сериозните преговори за мир и безбедност во Украина се единствената шанса за Русија да ја намали штетата од сопствените грешки“, порача Зеленски во видеопораката. „Време е да се врати територијалниот интегритет и правдата за Украина. Во спротивно, загубите на Русија ќе бидат толку големи што неколку генерации нема да бидат доволни за нејзино закрепнување.“
Зеленски, исто така, рече дека владините претставници ја елаборирале одлуката за целосно рестартирање на царинската служба.
Тој истакна дека земјата ги елиминирала бирократијата, документацијата, ДДВ (данокот на додадена вредност) и царинските обврски со цел лесно да се внесат пратките потребни за одбрана на населението во Украина.
„Целта е јасна: да се спречи човечкиот фактор да го попречи брзото снабдување со стоки, кои се навистина потребни во моментов“, истакна тој.
Руско-украинската војна, што започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски рестрикции наметнати кон Москва и поттикна заминување на светските компании од Русија.
Досега, во војната во Украина, според податоците на Обединетите нации загинале најмалку 816 цивили, а 1.333 се повредени, а од ОН нагласуваат дека бројката е веројатно поголема.
Над 3,27 милиони луѓе побегнале во соседните земји, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.