Bayram Altuğ
19 Јули 2020•Ажурирај: 20 Јули 2020
ЖЕНЕВА
Во Женева е одржан протест против нападите на ерменските сили врз азербејџанскиот пограничен регион Товуз, како и окупацијата на Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестот кој го организираше Советот на организациите на азербејџанската дијаспора во Швајцарија, одржан е на плоштадот пред Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева, кој ја симболизира борбата против вооруженото насилство врз цивилите. Протестот го поддржа и турска невладина организација.
Собраните носеа транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше: „Правда за Азербејџан".
Ерменските сили изведуваат напади врз азербејџанскиот пограничен регион Товуз низ кој поминуваат неколку важни енергетски и инфраструктурни проекти кои заеднички ги реализираат Турција и Азербејџан.
Ерменија на почетокот од 1990-те години го окупираше азербејџанскиот регион Нагорно Карабах и уште седум други соседни азербејџански региони, а досега во многу наврати е кршено примирјето договорено од двете земји во 1994 година.
За разлика од досегашните судири кои избиваа на линијата на разграничување на окупираните азербејџански региони, овој пат ерменските сили судирите ги започнаа на границата меѓу двете земји.
Ерменската војска на 12 јули изврши артилериски напади врз пограничниот азербејџанскиот регион Товуз. Азербејџанските сили одговорија на нападот, но ерменските сили продолжија со слични напади и во наредните денови.
Во нападите загинаа најмалку осум азербејџански војници.