Tarek Chouiref
13 Јануари 2026•Ажурирај: 14 Јануари 2026
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (AA) – Израелскиот Парламент (Кнесет) донесе контроверзен предлог-закон со кој на судовите би им се овозможило да изрекуваат смртна казна за Палестинците обвинети за учество во настаните од 7 октомври 2023 година, јавува Анадолу.
Израелскиот јавен сервис КАН објави дека предлог-законот го поминал првото читање доцна синоќа, со поддршка од 19 пратеници, без ниту еден глас против за време на седницата.
Предлог-законот има за цел воспоставување специјален судски механизам за гонење на стотици Палестинци обвинети за учество во настаните од 7 октомври, кои израелските власти постојано ги опишуваат како најсериозен безбедносен неуспех во историјата на земјата.
Предлог-законот е поднесен како заедничка иницијатива на министерот за правда Јарив Левин од владејачката партија Ликуд, претседателот на Комисијата за Устав, Симха Ротман, од крајно десничарската партија Религиозен ционизам и пратеничката од Јизраел Бејтену, Јулија Малиновски, наведува КАН.
Според нацртот, би се формирал посебен суд со претседател – пензиониран судија од окружен суд – со широки овластувања да постапува по предмети што опфаќаат обвиненија како геноцид, нарушување на државниот суверенитет, помагање на непријателот за време на војна и кривични дела поврзани со тероризам.
Законот експлицитно дозволува изрекување смртна казна по донесување пресуда и предвидува обвинетите кои ќе бидат судени според оваа рамка да не можат да бидат вклучени во идни политички преговори или договори за размена на затвореници.
Дополнително, се наложува судските рочишта да се пренесуваат во живо на посебна интернет-страница и да се архивираат во државните архиви на Израел.
Предлог-законот сега ќе биде доставен до Комисијата за Устав на Кнесетот за понатамошно разгледување, пред второто и третото читање. Според израелското законодавство, законите мора да поминат три читања за да стапат во сила.
Израелските власти не објавија официјални бројки за бројот на Палестинци приведени во врска со настаните од 7 октомври, но израелските медиуми проценуваат дека станува збор за илјадници лица.
Повеќе од 71.400 Палестинци, главно жени и деца, се убиени, а над 171.000 се повредени во Појасот Газа од октомври 2023 година, во бруталната израелска војна што ја остави енклавата во урнатини.