Emel Öz Gözellik
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
ДАКА (АА) – Премиерката на Бангладеш, Шејх Хасина, истакна дека араканските муслимани кои се наоѓаат во камповите во Кокс Базар, треба безбедно и забрзано да се вратат во своите домови, јавува Anadolu Agency (AA).
Хасина, во својот говор за време на прием во главниот град Дака, рече дека безбедното и брзо враќање на араканските муслимани во нивните домови ќе биде добро за нив.
Таа истакнувајќи дека во камповите се родени околу 40 илјади бебиња, упати апел до администрацијата на Мјанмар: „За да се обезбеди мир и стабилност во Аракан потребно е да се имплементираат предлозите на Араканската комисија на чие чело се наоѓа поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе, од кои повеќето муслимани, беа масакрирани, и беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската Војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во Бангладеш побегнале над 745 илјади лица. Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на договорот што го постигна со Мјанмар, за враќање на араканските бегалци што се наоѓаат во Бангладеш во нивните земји.
Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го окарактеризираа како етничко чистење или геноцид.
Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без притоа да се обезбеди безбедна средина, ќе доведе до ново етничко чистење.