Burak Bir
19 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Риши Сунак и израелскиот претседател Исак Херцог денес се согласија за важноста на испораката на итна хуманитарна помош во зафатената Газа, јавува Анадолу.
Тие се согласија за време на нивниот состанок во израелскиот главен град Тел Авив, каде што британскиот премиер пристигна „да изрази солидарност“ со Израел по нападите на 7 октомври.
„Премиерот и претседателот Херцог се согласија за важноста да се добие итна хуманитарна поддршка за обичните Палестинци во Газа кои, исто така, страдаат“, се вели во соопштението на Канцеларијата на Сунак.
Изразувајќи го своето сочувство за жртвите од конфликтот, тој, исто така, ја повтори поддршката на Обединетото Кралство за Израел, како и дека „цврсто верува во правото на земјата на самоодбрана во согласност со меѓународното право“.
„Премиерот ја поздрави вчерашната најава дека Израел нема да ја спречи помошта да влезе во Газа“, се вели во соопштението, додавајќи дека Сунак, исто така, изразил надеж дека може да се постигне поголем напредок во испораката на храна, вода и лекови.
Тој, исто така, му се заблагодари на Херцог за поддршката што Израел им ја дава на британските државјани фатени во нападите.
Двајцата, исто така, ја истакнаа „императивната потреба“ да се избегне натамошна ескалација на насилството во регионот.
Посетата се случи во време на голема израелска воздушна кампања на Појасот Газа, која однесе многу цивилни животи, по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во израелските погранични градови.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Газа се соочува со тешка хуманитарна криза без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Посетата се случува два дена по израелскиот напад врз болницата во Газа, во кој загинаа околу 500 лица.
Вчерашната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Израел од некои меѓународни набљудувачи беше видена како премолчена поддршка за воздушниот напад.
Најмалку 3.478 Палестинци загинаа во израелските напади врз Газа од 7 октомври. Повеќе од 1.400 лица загинаа во нападите врз Израел.