Rustam Mikayilli
10 Јули 2016•Ажурирај: 10 Јули 2016
ВИЛНУС (АА) - Премиерот на Естонија, Тави Роивас, рече дека на Турција треба да ѝ се понуди поддршка кога станува збор за бегалската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува од Кабинетот на премиерот на Естонија Роивас, во Варшава каде што се одржа Самитот на шефови на влади и земјите-членки на НАТО, се состана со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Двајцата лидери разговараа за бегалската криза во Европа, односите помеѓу Европската унија (ЕУ) и Турција како и за борбата против тероризмот.
Роивас на турскиот претседател му изрази сочувство по повод терористичкиот напад на аеродромот Ататурк во Истанбул. Во тој напад, извршен на 28-ми јуни, загинаа 45 лица, а беа повредени над 200 лица. Нападот го извршија тројца напаѓачи, меѓу кои Раким Булгаров и Вадим Османов. Постои сомневање дека зад нападот стои терористичката организација ДАЕШ.
„Терористичката организација ДАЕШ, покрај судирите во Сирија и Ирак, претставува и закана за меѓународната и трансатлантска безбедност. Овие проблеми можат само заеднички да се решат. Естонија секако ќе даде свој придонес”, рече Роивас.
Тој истакна дека договорот постигнат помеѓу ЕУ и Турција за решавање на мигрантската криза даде добри резултати.
„Со цел да се запре бегалската криза, потребно е да ѝ се пружи поддршка на Турција. ЕУ треба да ја зголеми финансиската поддршка за Турција, Либан и Јордан, кои во прв план се борат со овој проблем”, смета Роивас, кој додаде дека Турција е важен партнер како за Естонија така и за НАТО.
Покрај тоа, премиерот на Естонија Роивас истакна дека тие ја поддржуваат Турција на нејзиниот пат кон ЕУ.