Faisal Mahmud
16 Ноември 2026•Ажурирано: 16 Ноември 2026
Британскиот принц Вилијам и принцезата Кејт пристигнаа во Индија денес, во тридневна посета посветена на климатските активности, одржливоста и иновациите во областа на животната средина, пренесува Анадолу.
Како што јави „Прес траст оф Индија“, принцот и принцезата од Велс одиграле „уличен крикет“ со индиската легенда во овој спорт, Сачин Тендулкар, во финансиската престолнина Мумбај.
За време на овој настан, кралската двојка се дружеше и со локалните деца.
Предвидено е кралската двојка да присуствува на церемонијата за доделување на наградата „Ертшот“ во Мумбај, по што ќе заминат за Њу Делхи на разговори со премиерот Нарендра Моди.
Во порака објавена на социјалната мрежа X, Вилијам, кој е прв во редот за престолот, ја опиша Индија како еден од највозбудливите светски центри за иновации во животната средина. Тој ги пофали напорите низ целата земја за развивање практични решенија за глобалните еколошки предизвици.
„Целта на ’Ертшот‘ е да се пронајдат најдобрите решенија и да им се помогне да напредуваат понатаму и побрзо“, изјави тој.
За време на престојот, се очекува двојката да се сретне со иноватори, претприемачи и млади луѓе кои работат на полето на одржлив транспорт, чиста енергија, одговорно производство и заштита на животната средина.
Посетата, исто така, ќе ги истакне културните врски меѓу Британија и Индија, вклучувајќи ги крикетот, модата и филмот.
Ова е втора официјална посета на двојката на Индија, по нивната заедничка турнеја низ Индија и Бутан во 2016 година.
Ова патување е и нивна прва заедничка посета во странство откако на Кејт ѝ беше дијагностициран рак во 2024 година.