Mustafa Deveci
27 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Војводата од Кембриџ, принцот Вилијам, оствари средба со претседателот на Палестина, Махмуд Абас, во градот Рамала кој се наоѓа во окупираниот Западен Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред средбата која се одржа во Претседателскиот кабинет, принцот Вилијам беше пречекан со свечена церемонија.
Абас упати благодарност до принцот Вилијам поради неговата посета на Палестина, и рече дека верува оти оваа посета ќе даде придонес во зајакнувањето на односите меѓу Палестина и британскиот народ.
Абас се осврна и на мировниот процес меѓу Израел и Палестина. „Палестинската страна дава поддршка на мирот со Израел, со цел двете страни да живеат заедно во мир, во рамките на решението помеѓу двете држави и во рамките на границите од 1967 година“, додаде тој.
Принцот Вилијам рече дека е возбуден поради својата прва посета на Палестина, и изрази благодарност поради блиските односи меѓу двете земји.
„Како и Вие, исто така и јас се надевам да биде овозможен еден одржлив мир во регионот“, додаде Вилијам, осврнувајќи се на палестинското прашање.
Принцот Вилијам вчера се сретна со израелскиот претседател Реувен Ривлин и со премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Принцот Вилијам, кој е првиот од британското кралско семејство кој реализирал официјална посета на Израел, претходно оствари низа средби во Јордан.