Emre Gürkan Abay,Ali Cura
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
МЕРСИН (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека започнува нова ера со проектот за нуклеарната електрана „Акују“, на која соработуваат со Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин на церемонијата на поставување камен-темелник на третата единица на нуклеарната електрана „Акују“, во турскиот град Мерсин, присуствуваше преку видеолинк.
Рускиот претседател им честиташе на сите страни на досегашните достигнувања.
„Започнува нова ера во нашиот заеднички проект, нуклеарната електрана „Акују. На подрачјето на „Акују“ ќе бидат поставени вкупно четири единици, а ќе има моќност од 4.800 мегавати“, изјави Путин.
Тој потсети дека камен-темелникот на првата единица е поставен во април 2018 година, и дека на церемонијата присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Изрази задоволство од напредокот во изградбата на електраната, благодарение на координираната соработка на руските и турските експерти, инженери и работници.
Путин изјави дека за техничките прашања, кога станува збор за изградбата на електраната, се применуваат најнови решенија.
„Покрај тоа, не нѐ спречија дури ни низата потешкотии предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Преземени се сите потребни мерки за да се заштити здравјето на сите вклучени во проектот“, изјави Путин.
Тој изјави дека заедно со Ердоган ќе пружат секаков вид поддршка за електраната да започне со работа во 2023 година, кога Република Турција одбележува 100 години од нејзиното постоење.
Додаде дека овој проект значително ќе придонесе за енергетската безбедност на Турција и дека ќе ја зајакне нејзината економија.
„Турските потрошувачи ќе имаат пристап до евтина и чиста енергија“, нагласи Путин.
Додаде дека со овој проект во Турција се започнува со нов вид индустрија.
„Го отвораме секторот на нуклеарната енергија. Така ќе биде зајакнат и научниот и индустрискиот потенцијал на Турција. Моментално на терен работат околу 8.000 луѓе, поголемиот дел турски државјани“, изјави Путин.
Тој додаде дека и многу студенти од Турција ќе се образоваат во Русија за во иднина да можат да работат во електраната.
„Оваа година би требало да дипломираат повеќе од 200 студенти од Турција, така што, кога „Акују“ ќе започне со работа, ќе има доволно кадар за турската нуклеарна индустрија. Исто така, на проектот за нуклеарната електрана „Акују“ се почитуваат најстроги безбедносни мерки и правиме сѐ што е во наша моќ проектот да не биде штетен за околината“, изјави Путин.
Тој истакна дека турските и руските компании интензивно соработуваат на проектот. Путин смета и дека реализацијата на проектот „Акују“ е важна од аспект на односите на Турција и Русија и дека таа ќе придонесе во продлабочувањето на билатералното партнерство.
Турскиот претседател Ердоган изјави дека се надева оти наскоро ќе се види лице в лице со драгиот пријател.
„Договорено. Се немаме видено одамна. Мораме да го направиме тоа наскоро“, изјави Путин.