Elena Teslova
13 Јануари 2023•Ажурирај: 16 Јануари 2023
МОСКВА (АА) - Иако е познато дека е обично ладнокрвен во јавноста, рускиот претседател Владимир Путин не можеше да го сокрие своето незадоволство во неодамнешниот видеоразговор со високиот руски функционер, вицепремиерот на земјата, Денис Мантуров, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во видеоповикот во средата, Путин му постави прашање на Мантуров, кој воедно е и министер за индустрија и трговија, дали добил известување од неговиот Кабинет за државна набавка на авиони и хеликоптери, на што вицепремиерот го потврди приемот и почна да зборува за различни аспекти на ова прашање.
На секој од неколкуте обиди на рускиот претседател да го врати Мантуров на прашањето зошто немало склучено договори со фирми за оваа година, Мантуров рече дека „сè е целосно подготвено“.
Путин, кој го изгуби трпението, го крена гласот и го прекори Мантуров: „Велиш дека сè е подготвено, но нема договори! Еве што ти кажувам!“
Потоа со посмирен глас додаде: „Ајде да разговараме за ова по состанокот. Нема смисла да се прекоруваме во овој момент. Знам дека не се потпишани договори со фирми, така ми рекоа директорите. Зошто си играш?“
Потоа уште еднаш ги повтори прашањата за кои сакаше одговори: „Кога ќе бидат достапни пасошите? Кога ќе се потпишат договорите? Ова се прашањата на кои ми требаат одговори!“
Коментирајќи го инцидентот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека во моментов нема сериозни поплаки за работата на Мантуров, и дека критиките изнесени на состанокот во средата, 11 јануари, се „нормален работен процес“.
Мантуров беше назначен за вицепремиер изминатото лето.