Safiye Karabacak
17 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Во ракетниот напад извршен на Триполи, главниот град на Либија, животот го загубија 6 лица, а 35 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение што го објави Собранието на општината Ебу Селим во Триполи, се наведува дека врз подрачјето на Ебу Селим е извршен ракетен напад во кој животот го загубија 6 лица, од кои 5 жени, додека 35 се ранети.
Претседателот на Владата на национално единство на Либија, Фаиз ал Сараџ, го посети подрачјето кое беше цел на ракетен напад.
- Сараџ го оквалификува Хафтар како „воен злосторник“
Во своето обраќање за време на посетата на Ебу Селим, Сараџ го оквалификува генералот Калифа Хафтар како „воен злосторник“, додавајќи дека пред Меѓународниот кривичен суд ќе бидат поднесени документи за прекршувањата што ги извршиле силите на Хафтар.
Според веста што ја објави либискиот телевизиски канал „Ahrar“, портпаролот на Владата на национално единство ги обвини силите на Хафтар за бомбардирањето на Триполи, додавајќи: „Бомбардирањето на цивилите од страна на силите на Хафтар е доказ за пораз на бојното поле“.
Од друга страна, слични обвинувања упатија силите на Хафтар кон Владата на национално единство.
Генерал Калифа Хафтар, лидер на воените сили од источниот дел на Либија, на 4 април даде наредба за напад, со цел заземање на Триполи, на што со контраоперации реагираа единиците на Владата на национално единство на Либија, распоредени во главниот град.
Светската здравствена организација информираше дека во судирите кои траат веќе 12 дена во Либија, бројот на загинати изнесува 174 лица, а бројот на ранети 756.