Ayhan Şimşek
25 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
КЕЛН (АА) - Неколку турски семејства во северозападниот град Брил оваа недела добија анонимни писма во кои пишува да ја напуштат Германија, велат жителите, јавува Anadolu Agency (AA).
Писмата доаѓаат во време кога постои жестока јавна дебата во земјата во врска со референдумот за уставот на Турција, за кој се гласаше на 16 април, и со кој се предлага транзиција кон претседателски систем.
Во писмата се зборува против турските иселеници кои ги поддржаа уставните реформи, за кои исто така се залагаше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
„Направете си услуга себеси и на вашиот претседател, вратете се во својата земја“, пишуваше во писмото, во коешто се тврди дека оние што гласале за претседателскиот систем во Турција не биле добро интегрирани во Германија.
Халис Оздоган, германски државјанин со потекло од Турција, кој живее во Германија од 1974 година, за АА изјави дека овие писма ги шокирале семејствата
„Пораките значат: или сте со нас, или ќе ја напуштите земјата. Ова е застрашувачко, ова е неприфатливо“, вели тој.
Во писмата се изнесуваат обвинувања дека турските емигранти што го поддржале Ердоган и гласале за претседателскиот систем не ја почитуваат демократијата и слободата.
Оздоган изјави дека таквите предрасуди и генерализирања околу турските иселениците не се точни, и се знак за растечкиот расизам.
Германија е дом на речиси три милиони турски емигранти, а референдумот што се одржа на 16 април во Турција беше широко дискутиран во земјата.
Во неделата, на 16 април, повеќе од 50 отсто од турските граѓани гласаа за претседателскиот систем. Во Германија, кампањата 'да' за претседателскиот систем доби силна поддршка.
Меѓу 700.000 турски иселеници кои гласаа во избирачките места ширум Германија, 63 отсто од нив гласаа за претседателскиот систем во Турција додека 39 отсто гласаа против.
Германските политичари кои ја поддржаа кампањата 'не' за претседателскиот систем тврдеа дека поддршката за Ердоган и на неговиот предлог од страна на иселениците е знак дека не се добро интегрирани.
Неколкумина политичари од екстремната десница ги повикаа Турците кои ја поддржаа кампањата 'да', да ја напуштат Европа и да се вратат во Турција.
Турските лидери на заедницата остро ги критикуваа ваквите повици и предупредија за растечкиот расизам во Германија.