Ekipa
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека во вооружените судири во главниот либиски град, Триполи, загинале најмалку 254, а ранети се 1.228 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Специјализираните медицински екипи санираа 89 полесни и 63 потешки повреди за кои имало потреба и од оперативни зафати. Нашите тимови доставуваат додатна медицинска помош на болниците во Триполи“, се наведува во соопштението на СЗО.
Генерал Халифа Хафтар, командант на воените сили од источниот дел на Либија, на 4 април ги започна операциите за преземање на Триполи, по што дојде до сериозни судири во Триполи и неговата околина меѓу неговите сили и Владата на национално единство на Либија.
Либија е средиште на превирања од 2011 година, кога востанието поддржано од НАТО доведе до соборување и смрт на дотогашниот лидер Муамер Гадафи, кој беше на власт во земјата цели четири децении.
Оттогаш, силните политички поделби во земјата создадоа две ривалски места на моќ: едно во источниот град Бенгази, каде што се сконцентрирани силите на Хафтар, а другото во Триполи, поддржано од ОН.