Dejan Maksimoviç
27 Мај 2018•Ажурирај: 27 Мај 2018
КИЕВ (АА) - Фудбалерите на Реал Мадрид со победата од 3:1 (0:0) над Ливерпул синоќа во Киев успеаја да ја освојат својата трета едноподруга титула шампион на Европа. Истовремено ова е вкупно 13. титула за шпанскиот клуб во неговата историја, јавува Anadolu Agency (AA).
Финалето на Лигата на шампиони се одигра на Олимпискиот стадион во Киев, Украина. Натпреварот беше решен во второто полувреме. Првиот дел заврши без погодоци 0:0, а го одбележа повредата на рамето на Мохамед Салах, најдобриот голгетер во редовите на Ливерпул, кој го напушти теренот во 31. минута од натреварот.

Во продолжението на натпреварот, трагичар на „црвените“ беше голманот Лорис Кариус, кој со две кардинални грешки, му ја подари победата на кралскиот клуб.
Првата грешка на голманот на Ливерпул се случи во 51. минута, во обидот Кариус со рака да му ја додаде топката на својот играч, погодувајќи го притоа Бензема, центарфорот на Реал, по што топката заврши во мрежата за водство од 1:0.
Само четири минути подоцна Ливерпул успеа да се врати во игра. По нафрлената топка од корнер, Дејан Ловрен со глава ја спушти топката на земја во петерецот на Реал, на која натрча Саидо Мане и ја смести топката во мрежата на Кејлор Навас за изедначување на резултатот 1:1.
Во 61. минута од натпреварот, Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид го прави клучниот потег на натпреварот, внесувајќи го во игра Герет Бејл. Велшанецот веќе во 63. минута со ножички успеа да постигне прекрасен погодок од околу 15 метри за водство на Реал до 2:1. Истиот играч во 83. минута од натпреварот шутираше од дваесеттина метри, а топката мина низ рацете на Карлиус, постигнувајќи погодок за конечни 3:1.
