Selen Temizer
07 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
АНКАРА (AA) - Амнести интернешнал (АИ) соопштува дека режимот на сирискиот претседател Башар Ал-Асад од септември 2011 година, кога започна војната во таа земја, до крајот на 2015 година, во воениот затвор „Сајданаја“ во Дамаск, без судење погубил меѓу 5.000 и 13.000 луѓе, повеќето цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
АИ објави извештај под наслов „Сирија – човечка кланица: Масовни бесења и погубувања во затворот Сајданаја во Сирија“.
Извештајот е составен според разговорите со поранешни стражари, судии, лекари, адвокати и меѓународни експерти.
Во него се наведува дека се претпоставува оти од септември 2011 година до декември 2015 година, без судење се погубени 5.000 – 13.000 луѓе.
Исто така, во извештајот се вели и дека затворениците на полноќ, со превез на очите биле товарени во камиони и одведени до зграда во која биле бесени, а еднаш или двапати неделно биле убивани по 20-50 луѓе.
Во извештајот се истакнува дека повеќето жртви биле цивили за кои се мисли дека ѝ се спротивставувале на владата.
„Илјадници луѓе, без судење, на полноќ, скришно, масовно се погубени. Останатите, голем број затвореници во воениот затвор во Сајданаја континуирано се мачени, а откако систематски се оставани без храна, вода, лекови, биле убивани. Телата на убиените во Сајданаја се погребани во масовни гробници“, се истакнува во извештајот.
Исто така, истакнато е дека наредбите за погубување ги давале највисоките функционери.
АИ ги повика сириските функционери да ги запрат измачувањата и погубувањата без судење, како во Сајданаја така и во останатите затвори на режимот.