Hakan Çopur
07 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - По одбивањето на првото барање, Министерството за правда на Соединетите Американски Држави (САД) по вторпат упати барање до Апелациониот суд во Сан Франциско за стапување во сила на Законот за забрана на влез во САД за бегалците и за државјаните на седум претежно муслимански земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Администрацијата на Доналд Трамп во саботата вечер поднесе жалба против суспензијата со која судот ја блокираше одлуката за забрана на влез за бегалците и за граѓаните на седум претежно муслимански држави.
Апелациониот суд го отфрли барањето и побара од сојузната држава Вашингтон и од администрацијата на Доналд Трамп да достават повеќе аргументи до денес попладне.
Министерството во второто барање наведува дека забраната за издавање визи претставува „спроведување на законската надлежност на претседателот“, па поради тоа уредбата треба повторно да се имплементира.
Исто така, нагласено е дека забраната за издавање визи за период од 90 дена се однесува на земјите што носат ризик од тероризам, како и дека не е правилно ваквата одлука директно да се поврзе со една религија. Освен тоа, во новото барање се наведува дека е проблематично одлуката на судијата во Сиетл да се однесува на целата земја.
Одговорот на Апелациониот суд се очекува денес, а во случај повторно да биде негативен, се очекуваат и нови потези на администрацијата на Трамп.
Откако Трамп го потпиша претседателскиот декрет со кој на 30 дена е сопрен влезот на мигрантите од т.н. „земји поврзани со тероризмот“, меѓу кои се Ирак, Либија, Сирија, Иран, Судан, Сомалија и Јемен, сојузниот судија Џејмс Робарт од Сиетл ја блокираше одлуката на новиот американски претседател.
Трамп по тој повод се огласи на социјалната мрежа Твитер.
„Мислењето на таканаречениот судија, кој ја отстрани основата за спроведување на законот во нашата земја, е смешно и таквата одлука ќе биде повлечена“, порача Трамп.
Трамп на 20 јануари стапи на функцијата претседател на Соединетите Американски Држави и во текот на првата недела од својот мандат потпиша 15 декрети, кои тој ги вети за време на предизборната кампања. Но, првите чекори на Трамп беа проследени со протести во САД, како и во други земји од светот.